2 Corinthians 11
1 Да го бевте истрпеле моето безумие! Но и истрпете ме!
2 Оти за вас ревнувам со ревност Божја; зашто ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица.
3 Но се плашам, да не би како што змијата со своето лукавство ја измами Ева, така и вашите мисли да се одвратат поради вашата простота во Христа;
4 зашто, ако некој дојдеше да проповеда друг Исус, кого ние не сме го проповедале; или, ако добиевте друг дух, кого не сте го добиле, или друго благовестие, кое не сте го примиле, вие добро ќе го поднесевте.
5 Но јас мислам дека во ништо не сум помал од врховните апостоли;
6 иако сум прост во проповедта, во знаењето не сум. А насекаде и по сѐ сме ви добро познати.
7 Погрешив ли што се понизував за да ве издигнам вас, бидејќи дарум ви Го проповедам Евангелието Божјо?
8 Други цркви оштетив, добивајќи од нив издршка, та вам да ви служам, и додека бев при вас, иако бев во скудност, никому не дотегнав,
9 оти немаштијата моја ја употполнија браќата, што дојдоа од Македонија. Па и во сѐ друго се пазев и ќе се пазам, да не ви бидам на товар.
10 Како што е вистината Христова во мене, така и оваа пофалба нема да се одземе од мене во краиштата ахајски.
11 А зошто? Затоа ли што не ве сакам? Бог знае! Но, она што го правам, ќе го правам,
12 за да не им дадам повод на оние, кои бараат причина, та во она, за кое се фалат, да се покажат како ние.
13 Оти таквите се лажни апостоли, лукави работници, кои се преобразуваат во Христови апостоли.
14 И не е за чудење: бидејќи самиот сатана се преобразува во ангел на светлината;
15 та затоа не е голема работа, ако и слугите негови му се преобразуваат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни.
16 Велам пак: никој да не ме смета за безумен; ако ли не, барем како безумен примете ме, та и јас да имам со што да се пофалам.
17 А она, што го зборувам, не го зборувам по Господа, туку како безумен, во овој вид пофалба.
18 Бидејќи мнозина се фалат по телото, ќе се пофалам и јас.
19 Оти вие, како мудри луѓе, љубезно ги примате безумните;
20 вие ги поднесувате: ако некој ве натера да бидете слуги, ако некој ве јаде, ако некој од вас зема, ако некој се гордее, ако некој ве удира по образ.
21 За срам зборувам: како да сме биле немоќни? Но ако некој се осмели, во безумство велам, ќе се осмелам и јас.
22 Евреи ли се? И јас сум. Израилец ли е? И јас. Семе Авраамово ли се? И јас.
23 Служители Христови ли се? Во безумство зборувам, јас сум повеќе. Повеќе се трудев, повеќе рани поднесов, повеќепати бев затворан во темница, и многупати на умирање.
24 Од Јудејците примив петпати по четириесет без еден удар;
25 трипати сум удиран со стапови, еднаш каменуван, трипати претрпев бродолом, и ноќ и ден поминав во длабочина;
26 многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од сонародници, во опасност од разбојници, во опасност од друговерци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа;
27 во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија.
28 Освен надворешните непријатности, тука се уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви.
29 Кој ослаби, и јас да не ослабам? Кој се соблазни, и јас да не се распалам?
30 Ако треба да се фалам, со слабоста своја ќе се пофалам.
31 Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој е благословен во веки, знае, дека не лажам.
32 Во Дамаск управителот на цар Арета, друговерец, го пазеше градот Дамаск со стража, сакајќи да ме фати; и јас во кош бев спуштен и преку прозорец низ ѕид избегав од рацете негови.